Вардар и Еурофарм Пелистер со заедничка порака пред дербито: Нека победи спортот и ракометот!

На 26 март во недела во СЦ ,,Јане Сандански” ќе се одигра дерби дуелот меѓу екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер во рамки од 5. коло од плеј-оф фазата во Суперлигата. Победникот од овој дуел ќе направи голем исчекор кон титулата, бидејќи двете екипи на табелата имаат по 15 бода.

Претседателите на Вардар и Еурофарм Пелистер, Михајло Михајловски и Зоран Стерјев потпишаа заедничко соопштение и упатија апел до тренерите, играчите, навивачите и спортските љуботели во недела да победи спортот, да победи моментно подобриот тим, да победи ракометот.

Двете страни сметаат дека за едно големо дерби потребна е спортска атмосфера на трибините.

,,Во изминатите години, натпреварите помеѓу нашите две екипи непотребно беа обременети со дамка како резултат на испади, некоректности и обиди за решавање на нешто што не е поврзано со ракометната игра и се случува надвор од ракометниот терен. Победникот се решава и треба да се решава на терен. Затоа сите ние треба позитивно да го поддржиме тој процес, да навиваме гласно, цивилизирано и коректно. Ниту едно запалено пиротехничко средство, ниту еден бокс, или физички напад на трибините, фрлен камен пред сала, пред или после натпревар, нема да одлучува за победникот на натпреварот. Таквите појави само ќе ја нарушат спортската атмосфера, ќе им наштетат на клубовите и ќе ја уништат желбата да гледаме коректен, фер и квалитетен спортски ракометен натпревар. Нашите клубови заради овие појави беа казнувани оправдано (кога биле организатори) но и неоправдано (кога не биле организатори на натпреварите). Првичните казни беа од финансиска природа. Тоа секако дека претставува проблем за клубовите, но евентуалната можност за поинаков тип на казни би било уште поголем проблем не само за клубовите туку и за спортистите, навивачите и спортот воопшто”, стои во дел од соопштението на двата клуба.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се одигра со почеток од 18:00 часот.