Вардар „додаде гас“ во второто полувреме за победа против Бутел

Вардар во одложениот натпревар против Бутел Скопје во Плеј-офот од Суперлигата денес забележа победа против Бутел Скопје од 25:21 со која ја продолжи битката со Еурофарм Пелистер за титулата, од друга страна Бутел со поразот останува на третата позиција со два бода повеќе од Еурофарм Пелистер 2.

Натпреварот беше отворен со водство од 2:0 на Вардар со головите на Куни Моралес и Мартин Карапалевски. Бутел брзо возврати и изедначи преку Мајиќ Марко кој беше стрелец првите два гола за гостите.

После таквиот старт Вардар одново направи предност која беше и три разлика (највисоката во првото полувреме), меѓутоа во финишот од првите 30 минути Бутел успеа да изедначи, па на пауза се замина со нерешен резултат 10:10.

Ако во првиот дел Бутел парираше на Вардар во второто полувреме како што одминуваше времето квалитетот на вардарци доаѓаше до израз. Во 45 минута Вардар дојде до највисоките „плус четири“ до тој момент (20:16). Tоа беа и клучните моменти во кои црвено-црните го скршија отпорот на гостите. До крајот Бутел не успеа да се врати и Вардар успешно ја одржуваше предноста.

Моралес беше најефикасниот во редовите на Вардар со седум гола, по четири постигнаа Талески и Карапалески. Во редовите на Бутел Марко Митев постигна пет, а и Мајиќ Марко четири.