Вардар го смени тренерот: Писонеро ќе биде само помошник!

Екипата на Вардар на гостувањето во Унгарија кај тимот на Веспрем в сабота ќе биде водена од нов тренер. Стратегот кој ја водеше екипата од почетокот на сезоната, Давид Писонеро е прекомандуван во асистент и тој продолжува да биде дел од клубот, но со поинаква улога.

На тренерската позиција е поставен спортскиот директор и селектор на Русија, Едуард Кокшаров кој ќе ја води екипата на натпреварот против Веспрем, на кој вардарци ќе се обидат да дојдат до поправање на впечатокот од двобојот против Кил.

Писонеро тргна добро со екипата од првото коло и имаше три победи, но убедливиот пораз од Кил беше причина да се реагира веднаш, па Кокшаров ги водеше последните тренинзи и тој ќе биде во улога на прв тренер на мечот од 5. коло кој ќе биде последен пред паузата за ЕХФ неделата.

Засега нема информации дали ова е само принудно решение или можеби Кокшаров ќе остане на клупата на Вардар и после ЕХФ неделата и ќе продолжи да ја води екипата и во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.