„Вардар би можел да заврши како Кометал, само еден човек може да го спаси!“

Некогашниот стратег на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, откри дека минатото лето можел да се врати во „црвено-црниот“ тим.

Но бидејќи Сергеј Самсоненко реши да остане во клубот и сезонава, а Вујовиќ бил договорен со Михајло Михајловски, камбекот во Скопје изостана.

Миленикот на „Комити“ вели Вардар ќе се врати на нивото што беше во негово време.

„Вардар стана европски тим, освои две европски титули и ретко кој може да се пофали со тоа, а може да го снајде судбината на Кометал. Единствен човек кој би можел да го спаси Вардар во моментов е Михајло Михајловски. Прашање е колку е способен во моментов и колку ќе сака да се нафати на такво нешто. Сергеј Самсоненко вложи многу пари, направи многу работи, тоа ќе остане засекогаш, но лошо е што истовремено покажа дека колку високо може да оди ракометот и ниско да падне во период од седум-осум години. Играчите се тука, сите се борат, но тоа нема уште долго да трае. Веќе ниту еден сериозен играч од Европа нема да дојде во Вардар. Пак ќе се врати времето кога јас бев тренер, ќе играат ракометари од Србија, Хрватска и Црна Гора, од некоја африканска земја.  Ќе биде тоа тешко за публиката, затоа што сега ќе треба да се гледаат натпревари со екипи како Пелистер и Пролет, а претходно во салата ги гледале Барселона, Веспрем, Кил и други гиганти. Вардар има навивачка машина, популарните „Комити“. Ако клубот заземе стратегија и ако им даде шанса на млади македонски играчи, сигурен сум дека ќе добие поддршка од нив“, изјави Вујовиќ за „Балкан Хендбол“.

Тој во моментов е тренер на Загреб и со хрватскиот првак може да игра против Вардар во полуфиналето од СЕХА лигата.