Бутел Скопје ги бара Дрогришки и Атанасовски

Македонските ракометни екипи како никогаш досега уште во месец мај почнуваат со формирање на ростерите за следната сезона.

Бутел Скопје сезонава играше во ЕХФ Купот, но беше елиминиран само за еден гол од украинскиот ЗТР Запорожје, а на домашна сцена до прекинот беше на третото место во Суперлигата зад Металург и Охрид, а пред Пролет со обезбедено место во плеј-оф.

Раководството на тимот и тренерот Кристијан Грчевски веќе ги пикираа првиот засилувања, а станува збор за бекот на Еурофарм Пелистер 2, Стефан Дрогришки, како и за пивотменот на Вардар, Стефан Анастасовски.

Дрогришки закрепнува од повреда и ќе биде подготвен за сите суперлигашки напори од септември, но има неколку опции за продолжување на кариерата, меѓу кои е и Бутел.

Анастасовски во првиот обид не се договори за останување во Вардар, а интересот на Бутел постои, па следните денови ќе биде познато каде кружниот напаѓач ќе ја продолжи кариерата.