Брестовац утре на пладне ги собира репрезентативците, ќе се играат две средби со Чиле

За разлика од последните девет години, кога машката сениорска репрезентација подготовките за настап на ЕП или СП ги стартуваше во декември, сега е поинаку.

Репрезентативците ќе имаат собир, но не за настап на големо натпреварување, туку за два пријателски натпревари и продолжување на подготовките за квалификациите за ЕП 2022 година.

Иако сме прва резерва за Мундијалот во Египет, со секој поминат ден, шансите се се помали, ако воопшто и ги има некој да се откаже или да не отпатува.

Селекторот Данило Брестовац утре ќе собере една поинаква репрезентација, без дел од искусните играчи како Стоилов, Манасков, Ристовски, Георгиевски, Маркоски…

На списокот на селекторот има 20 ракометари, меѓу кои се и капитенот Лазаров, Митревски, Пешевски…плус четири резерви, доколку се случат некои непредвидени работи, односно повреда, позитивен тест на коронавирус и сл.

Собирот ќе биде на пладне, по што ќе се продолжи со тренинзи во СЦ „Борис Трајковски“, а двете пријателски средби со селекцијата на Чиле, која се подготвува за СП, би требало да се одиграат на 5 и 9 јануари.