Брестовац откри што ќе биде за две години: Македонија со нова репрезентацијата на ЕП 2022

Во време кога нема натпревари најчестата комуникација е преку социјалните медиуми каде спортистите, теренерите, фановите и медиумите наоѓаат начин како да ги анализираат случувањата и да продолжат со колку – толку нормалното функционирање. Тренерите се особено активни на тоа поле. Здружението на тренери на Србија на одличен начин ги анимира сите ракометни стручњаци од регионот со организирање на он-лајн работилници. Многу познати тренери од овие простори се гости, а друг дел ќе бидат гости на тие работилници.

Меѓу поканетите гости се и Данило Брестовац, селекторот на македонската ракометна репрезентација, а до крајот на месецов треба да гостуваат и Индира Кастратовиќ. Најавени се и Љубомир Врањеш, Веселин Вујовиќ, свое предавање имаше и Драган Аџиќ и секое предавање е на посебна тема.

Последната работилница беше посветена на анализа на последното ЕП што се одржа во јануари. Гости – предавачи беа Данило Брестовац, Хрвоје Хорват – тренерот на Нексе и помошни тренер во репрезентацијата на Хрватска, и Зоран Рогановиќ селекторот на Црна Гора.

Селекторот на Македонија, Данило Брестовац покрај неколкуте работи за кои говореше во еден дел  беа поврзани и со репрезентацијата на Македонија. Во добар дел беше целта која е зацртана со репрезентацијата на Македонија во следниот период, но и за настапот на последното Европско првенство.

„Можам да извршам смена на генерациите во македонската селекција. Зад нас е една одлична селекција предводена од Лазаров која донесе многу успех на македонскиот ракомет. Ние и Хрватска сме единствени кои имаат најмалку девет натпреварувања во низа на ЕП и СП од овие простори“, рече Брестовац.

Главното, сепак, би требало да се случи во јануари во 2022 година кога ќе се игра Европското првенство во Унгарија и во Словачка.

„Поставивме цел на ЕП 2022 година да отидеме со репрезентација која ќе има еден комплетно нов лик. Одработив една година од тригодишниот договор со РФМ. Го наследив Раул Гонзалес после пораз од Грција во моменти кога нашиот настап на ЕП беше под прашалник. Направивме изненадување против Исланд каде што после 30 години оваа селекција загуби дома, а одигравме и нерешено на наш терен и се извадивме. Почнавме со подмладување и оценив дека треба да се најде освежување покрај Кузмановски и талески кои веќе имаат какво-такво интеренационано искуство и на нив да ги надоврзам младите Мишевски и Танкоски и да имаме некоја ротација која би значела во некој период од играта“.

За последното Европско првенство проблемите главно биле во тоа што при подготовките имаше повреди кај дел од играчите на кои се сметаше за овој шампионат во Австрија, Шведска и Норвешка.

„Имавме многу проблеми во првата фаза на подготовките особено со повредата на Велко Маркоски кој требаше на Европското првенство да биде нашиот главен одбранбен играч. Тој се пореди на 3. Јануари на натпреварот со Словенија. Претходно на Трофеј Карпати се повреди Мишевски и сета моја замисла за ова ЕП беше пореметена. Имавме само 6-7 тренинзи и беше тешко да се одработи како се посакува. Можеби погрешив со тоа што многу време посветивме на одбраната, а го запоставивме нападот. Ова како да ми се одмазди на шампионатот“.

Воедно Брестовац коментираше и дека дел од вината гледа во тоа што добар дел од ракометарите кои доаѓаат од генерациите 96/97 и 98/99 не играат во своите клубови или имаат занемарлива минутажа.

„Мојата работа со видео сеанси доведе против Чешка да имаме најдобар резултат на полувреме кога имавме резултат 11:9, водевме два разлика, а имавме примено само девет гола што е најмалку на едно ЕП. Од наш агол како млада репрезентација ова е добар резултат бидејќи ставив акцент на генерациите од 1996 до 1999 да бидат основа на репрезентацијата и за едно такво ниво одиграа фантастично прво полувреме. Против Чешка имавме 14 промашени зицери, Галија имаше фантастично второ полувреме, а имавме и 11 промашени зицери против Австрија. Ни се одмазди она што ни се случуваше во клубовите. Македонија е единствената селекција каде на играчите ова им доаѓа како награда. Пример Кузмановски не игра во Магдебург, а за Талески се понадевавме дека од Рајн Некар се пресели во Балинген дека ќе игра одбрана напад, а тој играше одново само епизодна улога во напад. Го имавме Танкоски кој беше постојано во дилема дали ќе оди во Еурофарм или ќе остане во Металург и тоа беа многу проблеми. Танкоки имаше само две меѓународни средби против Горење. Тука ја барам причината, можеби недостатокот на ментална подготовка особено на оние играчи кои немаат минутажа. Не се снајдовме во реализацијата. Јас секогаш велам дека нема млади и стари туку добри и лоши“, коментираше селекторот на репрезентацијата на Македонија.

Македонија ја очекува бараж против селекцијата на Франција за Светското првенство во Египет во 2021 година. Засега не е познат терминот, поради коронавирусот. Тоа ќе биде нов испит за оваа генерација која би требало да има блесок на Европското првенство во Унгарија и во Словачка во 2022 година.