Брестовац е образуван тренер и РФМ апсолутно погоди со изборот без разлика на резултатите од последното ЕП

Ивица Обрван ја водеше Македонија од 2013 до 2016 година на три големи натпреварувања – ЕП во Данска 2014 година, СП во Катар 2015 година и ЕП во Полска 2016 година, а во последните две години од селекторскиот ангажман го водеше паралелно и францускиот Шамбери. На клупата се задржа најдолго од сите странци што беа селектори.

Сега на клупата е Данило Брестовац неговиот помошник, не само во репрезентацијата туки и во екипата на Шамбери во Франција. А Обрван има доста пофални зборови за сегашниот селектор на Македонија.

„Со Данило сме големи пријатели, додека бев селектор на Македонија го повикав во мојот стручен тим да ми биде помошник и апсолутно беше погодок мојот избор. Тоа го покажува и фактот што на мој предлог ми беше помошник и во Франција што е навистина многу тешко и тренерот и помошникот да бидат странци. Во репрезентацијата на Македонија и Шамбери имавме одлична соработка и ова што се случи Данило да биде селектор на Македонија е еден сосема нормален развој на настаните и е сосема заслужено. Тој е тренер кој образуван со модерни погледи на ракометот и мислам дека РФМ апсолутно погоди со изборот без разлика што на последното ЕП резултатот не е можеби таков како што македонската јавност очекуваше. Но тука постои сплет на разни околности кои се провлекуваат со години во репрезентацијата на Македонија. Дали е потребно подмладување, дали е тоа некој микс, дали е ајде да помине уште ова првенство, уште овие квалификации па тогаш ќе правиме подмладување, вели Обрван во интервју на 24ракомет.

Хрватскиот стратег вели дека дел од македонските ракометари се уште не се докажани дека може да играат на високо ниво.

Обрван своевремено беше споменуван и како тренер на Вардар, уште многу време пред да дојде во клубот Сергеј Самсоненко. Хрватот вели дека Вардар и ракометната јавност во Македонија заслужуваат повторно да имаат силен клуб.

„Мислам дека целата спортска јавност во Македонија заслужи конечно да се подвлече линија и како луѓе одговорни за Вардар и македонскиот спорт, да кажат од следната година ќе биде така и така, па да се знае и да се заврши со сите шпекулации за да можат сите и јавноста и клубот и играчите и сите останати да бидат мирни. После две години Вардар да може повторно да функционира нормално како клуб затоа што тоа и го заслужува, вели Обрван.

Целото интервју можете да го прочитате тука.