Бојаниќ и Грубиќ во еден глас: Охрид ќе им парира на сите, секој ден ќе бидеме се подобри

Тимот на Охрид во новата сезона влегува со големи амбиции и ангажираше многу нови ракометари и тренерот Горан Андоновски.

Меѓу новајлиите во клубот покрај езерото се српските интернационалци Владимир Бојаниќ и Никола Грубиќ, кои дојдоа од турскиот Бешикташ, односно Дубочица Лесковац.

Десниот бек Грубиќ вели дека Охрид ќе може да им парира на сите суперлигашки екипи.

„Скоро еден месец сме заедно, екипата е речиси нова, има 11 нови играчи и ќе ни треба повеќе време за да се воиграме, но мислам дека од ден на ден ќе бидеме сѐ подобри и подобри. Турнирот во Охрид е показател дека сѐ нема да оди така лесно, бидејќи и останатите екипи во Македонија се квалитетни. Ние мора да работиме, да тренираме и на натпреварите да го дадеме максимумот. Ги гледавме некои од суперлигшаките екипи и на турнирот во Струга, ние атакуваме за 3-4 место и излез на европска сцена. Мислам дека може да играме против сите екипи, само да сме сложни како екипа и мислам дека времето ни е адут, колку што ќе бидеме заедно, толку ќе бидеме подобри. Првите впечатоци од Охрид и Македонија се одлични. Охрид како град ми се допаѓа многу, а во клубот сите се професионалци, ми се допаѓа овој систем, каде што се игра брз ракомет и македонската лига е сѐ поквалитетна и голема е честа да се игра против екипите како што се Вардар и Еурофарм Пелистер“, вели Грубиќ.

Кружниот напаѓач Бојаниќ беше најефикасниот во составот на Охрид на турнирот минатата недела, а вели дека атмосферата во клубот е одлична, управата се грижи за сите барања на ракометарите и очекува како ќе одминува времето, охриѓани да бидат се подобри.

„Ние сме нова екипа, има 11-12 нови играчи, не се познаваме уште доволно, но бидејќи играчите работат напорно, од ден на ден оди сѐ подобри и подобро. За натпреварот против Тиквеш од полуфиналето можам да кажам дека имавме доста промашени удари и едноставно на нашиот голман не му беше денот, за разлика од нивниот голман, кој бранеше одлично. Во натпреварот против Пролет, голманите доста ни помогнаа во клучните моменти и на двата натпревари одигравме доста машки. Мислам дека оваа екипа, посебно младите ракометари се желни за докажување, атмосферата во тимот е одлична и мислам дека од ден во ден ќе бидеме сѐ подобри и подобри. На турнирот во Охрид нашата игра не се базираше премногу на пикер, иако јас играм на таа позиција, во голема мера зависам од бековите. На двата натпревари имав голем простор на линијата од шест метри, па така добив голем број на топки. Јас играв во Србија, Германија, Турција… Голем број на ракометари од Србија играа за Охрид и слушнав позитивни комплименти за клубот. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на тренерот, управата и градоначалникот на Охрид за сѐ што направија за нас во овој период, нас ни преостанува само да тренираме. Ние како екипа доколку играме како што трениравме и игравме во подготвителниот период, мислам дека ќе се бориме за висока позиција на табелата во Суперлигата“, вели Бојаниќ.

Во првото коло од суперлигашката конкуренција која стартува викендов, тимот на Охрид ќе се соочи со Бутел Скопје.