Борис Денич се враќа во словенечкиот ракомет

Борис Денич по подолго време се враќа во словенечкиот репрезентативен ракомет. Во иднина тој ќе работи како советник во стручниот штаб на сите машки национални селекции.

Словенечкиот стратег, кој своевремено беше кандидат и за македонската селекторска клупа ќе биде дел и од Б сениорската репрезентација.

„Убеден сум дека соработката со Борис Денич ќе донесе само добро за словенечкиот национален тим. Верувам дека како човек со одлични резултати зад себе, ќе допринесе за уште подобро функционирање“, вели селекторот Урош Зорман.

Денич е поранешен голман. 55-годишниот Словенец, во 2006 беше асистент на Касим Каменица во сениорската репрезентација, а потоа и на Миро Пожун и Звонимир Сердарушиќ. Во 2010 година стана селектор на Словенија, а под негово водство стигна до шестото место на ЕП 2012, до четвртото место на СП 2013 и до четвртфиналето на СП 2015 година.