Борец ја совлада Преспа, oстана во трка за плеј-оф

Ракометарите на Борец во 6. коло од Првата лига во Групата А остварија триумф против составот на Преспа со 31:26 и направија уште еден чекор кон плеј-офот.

Клучната разлика велешани ја направија уште на почетокот на натпреварот, после 3:3, кога се одлепија на 7:4 и во раната фаза веќе имаа убава предност. Во продолжение на првиот дел го контролираа резултатот и имаа највисоки шест гола, но на полувреме беше 16:11.

Во продолжението Преспа се закани и се доближи на 19:17, но немаше сили за пресврт. Следуваше серија од три гола на Борец и враќање на сигурна предност. До крајот на дуелот екипата од Велес сигурно одигра за трета победа.

Најефикасен во победничкиот тим беше Кире Мачевалов со седум гола, пет постигнаа Антониј Андовски и Илија Табаков. Во составот на Преспа најдобар стрелец беше Филип Шиклевски со 11 погодоци, а Шабединовски постигна седум. Во следното седмо коло Борец ќе игра со Драчево, а Преспа ќе се сретне со Аеродром.