Блажески: Лошиот почеток беше причина за поразот, сега остануваме фокусирани на Суперлигата

Екипата на Бутел Скопје на реванш натпреварот против Алпла Хард од второто квалификациски коло од Лига на Европа не успеа да направи поволен резултат и со пораз од 25:21 ги заврши европските настапи за годинешната сезона.

На првиот дуел, кој беше одигран на 27 септември, ракометарите на Алпла Хард исто така беа подобри од македонскиот претставник со 26:21, со што заслужено се пласираа во групната фаза во Лига на Европа.

Голманот на Бутел, Бојан Блажески истакна дека лошиот почеток бил пресуден за денешниот пораз од австрискиот вицепрвак.

„Честитки за екипата на Алпла Хард, заслужено обезбедија пласман во групната фаза во Лига на Европа. Главна причина за овој пораз беше лошиот почеток, промашивме неколку зицери, нивниот голман фати неколку топки, направија серија и поведоа со 3:0 и потоа тешко е да се брка таква негатива, плус од првиот дуел имавме пет гола негатива. Пред сѐ ова е големо искуство, бидејќи бевме на едно коло пред пласман во групната фаза во Лига на Европа”, изјави Блажески.

Бутел по завршувањето на настапите во Лига на Европа се враќа на обврските во македонската елита

,,Сега треба да се фокусираме на Суперлигата, ќе биде тешка сезоната до крајот. Нашата лига е квалитетна и се надевам дека повторно ќе избориме место во квалификациите за Лига на Европа и дека таму следната година ќе направиме историски успех”, заврши Блажески.

Следен предизвик за избраниците на Кристијан Грчевски е дуелот против екипата на Прилеп во рамки од 6. коло од Суперлигата.

Бутел двапати поразен и елиминиран од Лига на Европа