Бутел двапати поразен и елиминиран од Лига на Европа

Тимот на Бутел е елиминиран од квалификациите на Лига Европа, откако и на домашен терен загуби, а овојпат дури беше и „преслушан“ и посрамотен на теренот, од австриската екипа Алпла Хард која славеше со 25-21 (12-5). Гостите му одржаа ракометна лекција по модерен ракомет на македонскиот тим кој и по вторпат покажа дека нема сили и квалитет да се носи ниту со „просечни екипи“ од Европа. На првиот дуел, австрискиот вицепрвак триумфираше со 26-21 и заслужено обезбеди место во групната фаза во Лига на Европа.

Гостите покажаа дека се и повеќе од класа подобри од македонскиот тим. Спората игра во напад, лошата одбрана и безидеен напад се провејуваше низ целиот меч, а особено во првото полувреме. Тогаш гостите ја направија и клучната разлика со која го најавија гостинскиот триумф во Скопје и дебаклот на Бутел.

Гостинскиот голман Голуб Докниќ беше „факторот Х“ за Алпла во првото полувреме. Трите одбрани во првите пет минути од натпреварот и почетното водство од 3-0 на гостите од Австрија беше причината за „брзото откажување“ на Бутел чии ракометари немаа ниту мотив ама ниту сила да се спротистават на тимот на Алпла Хард. Докниќ во првото полувреме имаше 8 одбрани од 12 упатени удари, а на спротивната страна Бојан Блажевски одбрани само три топки.

Првиот гол Бутел го постигна во 8 минута преку Јефтиќ. Пивотменот постигна три од петте гола на Бутел во првите 30 минути. Многу „црни дупки“ лош период имаше Бутел кои им овозможија на гостите да направат разлика недостижна за евентуален пресврт.

Во второто полувреме на самиот почеток Алпла првпат стигна до највисоките дотогаш „плус 8“ и водство 13-5. Намалија потоа домаќините на „минус 6“, ама брзо пак беше осум гола, за водство 18-10 во 43 минута. Тоа беше почеток на крајот на настапот на Бутел во Лига Европа. Сега остануваше само време барем да се намали таа гол разлика на некоја поднослива предност, ако се може.

Во последните десет минути Алпла Хард влезе со предност од 20-13 и гостинскиот тренер ја смени поставата, а тоа го искористија домаќините за да намалат на 22-17 во 55 минута. На три минути пред финишот Бутел стигна и од минус четири, 23-19, но до крајот не успеа да направи целосен пресврт. Крајниот резултат од 25-21 е само добра опуштеност на Алпла, бидејќи одамна беше решено кој ќе победи на овој дуел.

Најефикасен во Бутел беше Мирко Мајиќ со шест гола од седум обиди, додека по четири постигнаа Филип Николов и Владимир Јевтиќ. Голманот Бојан Блажески имаше десет одбрани. Кај Алпла Хард, Лука Рашле ги предводеше стрелците со четири гола.