„Би било убаво да се почне сезоната со трофеј“

Неполн месец од стартот на подготовките за екипите на Еурофарм Пелистер и Вардар следува првиот важен натпревар во новата сезона бидејќи се работи за средба после која ќе биде доделен пехар.

Тренерот на Еурофарм Пелистер е задоволен што рано ќе има можност за генералка бидејќи само десет дена подоцна претстои дуел во СЕХА лигата против Мешков Брест.

„Многу рано имаме добра генералка бидејќи се игра за трофеј. И за нас и за Вардар би било добро да се тргне во сезоната со трофеј. Овој натпревар се игра на 11 август и ние ќе се потрудиме да бидеме колку е можно подобри и да го освоиме тој пехар. Сакаме да одиме и во Задар во СЕХА лигата, а многу брзо играме и против Вардар во првенството. Направивме добар план и стратегија бидејќи на секои 10-12 дена имаме важен натпревар. Ќе видиме колку нашиот тим може“, изјави Бабиќ.

Инаку, во новата сезона Еурофарм Пелистер и Вардар се враќаат и во Супер лигата односно ги почнуваат натпреварите уште од почетокот на првенството.