БиХ добива големо засилување, ќе заигра екс-репрезентативец на Германија

Репрезентацијата на БиХ во иднина добива големо засилување и во иднина би можела да смета на услугите на поранешниот репрезентативец на Германија, Тим Сутон.

Средниот бек, кој има 25 години моментално настапува за бундеслигашот Лемго, каде што игра голема улога во составот на Флориан Керман.

Сутон е роден во Германија, но има потекло од БиХ. Неговиот татко, Горан Сутон, настапуваше за младинската репрезентација на Југославија, како и за босанската и хрватската селекција. Своевремено, тој беше тренер и на неколку клубови во Германија.

Младиот ракометар со репрезентацијата на Германија настапи на Светското првенство во 2019 година. Паузата од три години од неговиот последен репрезентативен настап му истекува во месец април. Освен за сениорската репрезентација на Германија, Сутон има забележано настапи и за младинската репрезентација.

БиХ бараж натпреварите против Грција за обезбедување место на Светското првенство ќе ги одигра во март. Доколку ракометарите на БиХ ја минат Грција, тогаш за Мундијалска виза ќе се борат против селекцијата на Црна Гора.

Во тој случај, Сутон ќе биде на располагање за натпреварите против Црна Гора. Селекторот на БиХ, Ивица Обрван со евентуалното доаѓање на Тим Сутон ќе добие големо засилување бидејќи тројца ракометари од репрезентацијата, Никола Прце, Владимир Врањеш и Иван Карачиќ, објавија крај на својата репрезентативна кариера.