Битолската публика ќе ужива: Давид Дејвис ги носи сите ѕвезди на дуел со Еурофарм Работник

Со почеток во 17:15 часот утре во салата „Боро Чурлевски“ во Битола гостува екипата на Веспрем, која ќе одигра натпревар од СЕХА лигата против Еурофарм Работник.

Поучени од досегашните натпревари на Еурофарм Работник и во Лигата на шампионите и во СЕХА во Веспрем не препуштаат ништо на случајот. После двете лоши игри во Лигата на шампионите, Давид Дејвис мора да го поправа впечатокот и затоа утре мора да се оди на победа.

Затоа денеска на пат кон Македонија се најдоа сите ѕвезди на Веспрем, па утре во Битола ќе гостуваат сите ракометари така што битолската публика ќе може да ужива во мајсториите на Манасков, Штрлек, Мае, Борозан, Мораеш… Сите ќе бидат во комбинација за настап така што се очекува ова да биде доста интересен натпревар.

Веспрем патуваше за Русија со втор состав, но таму успеа да победи. Сега, во Битола Дејвис не се одлучи на таков чекор, но и поради тоа што викендов нема да има натпревари од Лигата на шампионите, а воедно нема да има натпревари ниту во домашното првенство. Затоа може да ги има сите играчи на располагање.

Инаку, во моментов Веспрем е прв со девет бода од три средби, додека Еурофарм Работник е второпласиран во Групата Б со шест поени од два одиграни натпревари.