Бисинов Фруит Ленд со суперлигашки амбиции – донесе искусен чувар на мрежата!

По Ивица Илиев, тимот на Бисинов Фруит Ленд го договори и второто звучно засилување за новата сезона во која ќе има суперлигашки амбиции, а тоа е голманот Славјан Паунов. Двајцата своевремено беа дел од екипата на Радовиш, па се познаваат меѓусебе. Клубот од Велес најавува и други засилувања, како и вклучување на своите помлади ракометари во првиот тим со кој ќе се бара место во елитата.

Искусниот чувар на мрежата долго време беше дел од составот на Радовиш и беше меѓу најдобрите поединци, но се реши за промена на средината. Радовишани во новата сезона ќе играат во Првата лига исто како Бисинов Фруит Ленд.

Паунов беше дел од Овче Поле, потоа настапуваше и за некогашниот клуб од Кавадарци, ВВ Тиквеш, со кој играше и во европските купови, пред одново да заигра за Овче Поле.

Потоа стана неизоставен дел од Радовиш, кој секогаш ја имаше сигурноста меѓу статитивите. Паунов и Илиев седум сезони играа заедно во Радовиш, сега ист ќе биде случајот и во велешкиот клуб.

Бисинов Фруит Ленд оваа сезона со млад тим настапуваше во прволигашката конкуренција и ракометарите на Никола Бисинов собираа искуство. Клубот има и пионерски и кадетски тимови кои се меѓу најдобрите во Македонија. Но од летово со позвучни имиња и поширок ростер, клубот ќе брка висок пласман и место во елитата.

Со Ивица Илиев почнува нова ракометна приказна во Велес