Бидасоа со пораз доаѓа во Битола

Ривалот на Еурофарм Пелистер во 6. коло од Лига на Европа, тимот на Бидасоа Ирун, пред доаѓањето во Битола одигра натпревар во рамки од Асобал лигата и неочекувано загуби од Пуенте Хенил со 36:35.

Поразот од Пуенте Хенил за ривалот на „фармацевтите“ беше седми во новата натпреварувачка сезона од најквалитетното натпреварување во Шпанија и тимот на Јакобо Куетера ќе мора да го даде максимумот доколку сака повторно да избори место на европска сцена.

Бидасоа Ирун во претходното коло во Лига на Европа славеше токму против македонскиот вицепрвак, триумфираше со 32:20 и покажа дека не е тим за потценување.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Бидасоа Ирун ќе се одигра во вторник (13 декември), со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Судии на овој натпревар ќе бидат Стефан Ивановиќ и Милан Вујисиќ од Црна Гора, додека делегат од Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе биде Михаил Башев од источниот сосед на Македонија.