Блажевска ветува: Долгот од 140.000 евра ќе се врати до крајот на годината

Тимот на Металург врти нова страница во клубот, откако досегашниот тренер Зоран Кастратовиќ си замина, а на негово место ќе биде Оливер Димитриоски.

Првата дама на тимот од Автокоманда, Зорица Блажевска, го потврди заминувањето на Кастратовиќ, но вели дека причините не се само финансиски.

Таа најави дека преостанатиот долг од 140.000 евра кон некои од поранешните ракометари на Металург ќе биде исплатен до крајот на годината.

„На Кастратовиќ лично му се заблагодарив за досега сработеното, од мое име и од име на клубот. Знаев за неговото размислување да си оди веќе некое време, но оставив да ја донесе одлуката сам. Покрај финансиите, како Претседател бев информирана и за други причини поради кои преовлада одлуката за заминување, ги почитувам, како и одлуката за заминување, иако лично мислам дека се може да се реши со многу одлучност. Не е лесно да се работи во овие услови, малку средства, многу нервози, но следи период од месец-два во кој како и минатата година ќе се сервисира долгот преку ваучер системот. Металург чекор по чекор успешно се движи по патот што го зацртавме при моето назначување за Претседател, на натпреварувачки но и на финансиски план. Како што најавив и претходно, останатите 30% отприлика 140.000 евра од старите долгови ќе бидат раздолжени до крајот на оваа година, а при стартот на новата сезона, клубот кон ниеден играч нема да има никакво долгување. Во овој момент нема да назначам нов тренер, првиот тим продолжува да работи со Оливер Димитриоски, во кого имам потполна доверба, а досега беше помошник тренер на Кастратовиќ. Најважното во овој период е сепак да го зачуваме здравјето, очекувам негативни тестови вечерва и од утре продолжуваме со работа. Веднаш штом излезат тестовите, ќе ја известам нашата Федерација и ЕХФ и продолжуваме со натпреварувањата. Нема време за жалење, пред нас е тежок корона период кој нема да не скрши, туку напротив, ќе не направи посилни“, вели Блажевска.

Металург оваа сезона обезбеди место во групната фаза од Лигата на Европа и веќе го одигра првиот меч со Тулуз. Вториот со Висла Плоцк беше одложен, а третиот ќе се игра на 17 ноември на гости кај Адемар Леон.

Кастратовиќ си замина од Металург: Девет месеци без плата!

Од утре се тренира: Димитриоски повторно ќе го „вади“ Металург