Од утре се тренира: Димитриоски повторно ќе го „вади“ Металург

Откако Зоран Кастратовиќ си замина од тимот на Металург, во Автокоманда како прв тренер ќе продолжи неговиот асистент Оливер Димитриоски. Тој беше прв тренер на металурзи и претходно, а освои и титула во Купот на Македонија, совладувајќи го Вардар во финалето пред две години.

Тој работеше и во кадетската и во младинската екипа на тимот од Автокоманда, а го водеше и Металург 2. Кратко време беше на клупата на Прилеп, кој го спаси од испаѓање од суперлигашкото друштво.

Потоа се врати во Металург, како помошник на Данило Брестовац, а повторно работеше и во младинските категории во Автокоманда. Од стартот на оваа сезона му беше асистент на Кастратовиќ и сега ја добива шансата да биде прв тренер.

Металург сезонава мина две квалификациски кола во Лигата на Европа и успеа да обезбеди место во групната фаза, каде што во првото коло загуби од Тулуз. Следен предизвик ќе биде гостувањето кај Адемар Леон во Шпанија.

Кастратовиќ си замина од Металург: Девет месеци без плата!

Металург од утре треба повторно да почне со редовни тренинзи, но ќе се чекаат прво резултатите од тестирањето за Ковид-19 откако тимот беше две недели во изолација поради едне позитивен случај.

Тимот од Автокоманда веројатно ќе бара одложување на уште некој меч од домашното првенство со цел да има време да се спреми.