Бауер: Ме бараа и македонски клубови, ама…

Репрезентативниот голман на Австрија, Томас Бауер после две сезони поминати во Порто го напушти клубот и од наредната сезона ќе има нов предизвик во првенството на Грција во екипата на АЕК Атина.

Тој во интервју за „А Бола“ зборуваше за одлуката да се пресели во Атина и понудите кои ги имал од други земји меѓу кои и од Македонија. Не е тешко да се претпостави дека интересот бил од Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Ја носам Португалија во срцето, се заљубив во клубот Порто. Сакав да останам подолго но ова се одлуки кои морав да ги донесам. Заминувам без чувство на лутина, сонувам повторно да се вратам во Порто. Имав неколку опции додека бев слободен играч, сметав дека е најпаметно да разговарам со сите клубови кои бараат голман. Се обидов со клубови од Шведска, Катар, Романија и Македонија и други земји од светот. Сите се погодени од кризата и добивав понуди какви што не очекував баш, но сите ги почитував“, објасни Бауер.

Бауер во кариерата има променето многу клубови, меѓу кои Фиверс, Лемго, Истр, Екс ан Прованс, Арендал, Порто…Со екипата на Порто му се исполни сонот да настапува во Лигата на шампионите. За репрезентацијата на Австрија има одиграно 160 натпревари.