Бабиќ: Ако ја повториме играта од мечот со Тримо, тогаш ќе ја победиме Металопластика

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре го започнуваат настапот во новата сезона од регионалната СЕХА лига.

Тренерот Жељко Бабиќ вели дека посакувал стартот на натпреварувањето многу порано и да има повеќе натпревари, но се радува на стартот.

„Најважно е што почнува СЕХА лигата. Толку ни требаа натпревари, посебно за нашите млади ракометари. Ни требаат да имаме натпреварувачки ритам за Лигата на Европа. Сакав да игравме порано, да одигравме повеќе натпревари, но лично се радувам на стартот и очекувам добар натпревар и победа“, вели Бабиќ.

Хрватот ја анализираше Металопластика, која како и лани, така и сезонава ќе гостува во Битола во рамките на СЕХА лигата.

„Сакам да споменам дека ни доаѓа поранешниот селектор Веселин Вуковиќ, сега тренер на Металопластика. Од него учев, заради него и неговата генерација го засакав ракометот. Големо задоволство ми е што ќе го видам и ќе го поздравам. Металопластика има одличен контра напад, две брзи крила, агресивна одбрана 3-2-1 која се трансформира во 6-0. Имаат дефанзивен интензитет и транзиција. Се работи за потентен тим кој сигурно бара одличен пристап и ментален и физички ангажман при секој удар. Имавме одличен настап против Тримо Требње. Играчите се фокусирани и ангажирани и верувам дека и покрај квалитетите на екипата од Шабац, ќе ја повториме партијата од пред две недели“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Металопластика Шабац се игра утре во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 17:45 часот.