Атман: Трибините „крцаа“ на дуелите меѓу Вардар и Металург – тоа беше балканско дерби!

Рускиот плејмејкер Павел Атман по една полусезона си замина од Вардар и замина во тимот на ЦСКА Москва.

Ова за него беше втор престој во Македонија, откако играше во тимот на Металург две години.

За „Спорт клуб“ тој раскажа за трансферот во Металург, за Македонците како народ, за заминувањето од Автокоманда и трансферот во Вардар.

„Трансферот во Металург се случи спонтано. Јас имав договор со Чеховски Медведи, но таму се појавија финансиски проблеми, па на сите ни дадоа одврзани раце. Се појави варијанта за трансфер во Металург, иако имав понуда и од Рајн Некар Левен, понудата од Македонија беше поголема, а сакав и да работам со Лино Червар“, изјави Атман.

Рускиот среден бек имал проблеми на почетокот во Македонија со адаптацијата, но бил пријатно изненаден од нашиот народ.

„Разликата е огромна во менталитет, и на почетокот беше тешко – не знаев јазик, но тоа секогаш се случува кога одиш некаде надвор. Со тек на време се навикнав на културата, почнав да го разбирам темпераментот и да зборувам македонски јазик. Македонците се добри и љубезни луѓе, секогаш се весели, одлично расположени и без оглед на проблемите во животот, секогаш позитивно реагираат на се што се случува“, вели Атман.

Русинот се сеќава на дерби натпреварите меѓу Вардар и Металург.

„Во Суперлигата има слаба конкуренција. Кога јас играв таму, беа две силни екипи, Вардар и Металург. Натпреварите меѓу нив беа балканско дерби. Цела сала беше полна, трибините „крцаа“, навивачи на двете екипи доаѓаа, беше интересно и атмосферата беше фантастична. Тогаш сфатив дека луѓето таму го сакаат ракометот, луди се по него и неизмерно ги сакаат своите клубови. Многу Руси играат и освојуваа трофеи таму – Дибиров, Шишкарев, Калараш, Горбок“, продолжува Атман.

Минатото лето од бундеслигашот Хановер, Атман по втор пат дојде во Македонија, но сега во Вардар.

„Си заминав од Бундес лигата поради повреда. Пробував, но некако не се најдов себе во тој клуб и во таа лига. Сакав да променам нешто во кариерата. Се појави варијантата со Вардар каде спортски директор беше Едуард Кокшаров, па се решив на таков потег. Но таму имаше финансиски проблеми, долго разговарав со моето семејство за враќање назад во Русија, сепак на крајот ја прифатив понудата од ЦСКА Москва“, заврши Атман.

ЦСКА Москва во првата сезона во Европа ќе игра во ЕХФ Купот, со оглед на тоа што во Лигата на Европа место има за Чеховски Медведи и Виктор Ставропол.