Аренхарт го откажа Оденсе, Брест му откина бод на шампионот Ѓер

Денес продолжија натпревари од Лигата на шампионите во женска конкуренција.
Екипата на Будуќност на свој терен беше подобра од Оденсе со резултат 27:24. Во текот на целиот натпревар расположените избранички на Бојана Поповиќ го диктираа водството, а свое шоу имаше голманката на Будуќност, Барбара Аренхарт со 20 интервенции и запишан гол.

Најефикасна во составот на Будуќност беше Јованка Радичевиќ со девет погодоци. Во поразениот тим, Луис Абинг беше најрасположена со десет погодоци. Со победата против Оденсе, Будуќност чекори кон пласман во најдобрите четири екипи во Б групата. Ова беше еден од полошите одиграни натпревари на Данките со голем број технички грешки.

Без победник заврши дерби натпреварот во рамките на А групата помеѓу Ѓер и Брест Бретањ. Конечниот исход беше 27:27. Ѓер беше предводен од Едуарда Аморим Талеска и Вероника Кристиансен со по седум погодоци. Во францускиот тим, репрезентативката на Словенија, Ана Грос, беше стрелец на пет погодоци.