Андоновски: Охриѓани заслужуваат да гледаат добар ракомет, екипите што ќе гостуваат кај нас – нека му ја мислат

Тимот на Охрид во минатите два дена го организираше првото издание на меморијалниот турнир “Крсте Андоновски – Усташ”. Покрај домаќинот, уште три тима – Партизан, Пролет и Тиквеш беа дел од турнирот, кој ќе прерасне во традиција.

Тренерот на Охрид, Горан Андоновски е задоволен од прикажаната игра на двата натпревари, кои беа потребни, со цел воигрување на екипата, бидејќи во однос на новата сезона, има дури 12 нови играчи.

Андоновски смета дека на неговиот тим ќе му биде потребно повеќе време за да се воигра, но се надева на успешна сезона.

„Овие два натпревари на турнирот, исто како и натпреварите со Еурофарм Пелистер 2 на Маврово, ни беа потребни. Имаме екипа со 12 нови играчи и тимот од претходната сезона речиси целиот е променет, затоа ќе биде многу тешко да се состави тоа, но прикажаното на овие два натпревари ми дава надеж дека Охрид повторно ќе биде силен. Натпреварот со екипата на Тиквеш, која е една од најквалитетните екипи во Македонија, го реши голманот Јагош Брауновиќ, кој имаше над 20 интервенции, што е реткост во ракометот. Сепак, мотивираноста на нашиот тим нѐ падна, влеговме со поголема мотивација против Пролет и сигурно победата ќе делува позитивно за нас”, изјави Андоновски за 24Ракомет.

Во следниот период поголем акцент ќе биде ставен на играта во напад.

„Сите екипи што јас ги тренирам, примаат малку голови. Ние примивме 24 од Тиквеш, 23 од Пролет, од кои само осум во вториот дел, а од нив три беа од пенал. Одбраната е склопена. Секако дека сум задоволен од играта во тој сегмент. Треба да се работи во нападот, имаме нови играчи, многу е тешко, потребни се повеќе контролни натпревари. Првата цел е пласман во плеј-офот, а тие што ќе играат против нас кога ќе гостуваат во Охрид, нека му ја мислат“, вели Андоновски.

Тој оваа сезона направи камбек во екипата на Охрид. Искусниот стратег истакна дека неговиот град заслужува да гледа квалитетен ракомет во новата сезона.

„Од 2011 сум дел од овој клуб, три години работев волонтерски. Исто, мојот татко цел живот го минал во Охрид и знам дека во моментов е среќен што Охрид е на ова ниво во Македонија. Овој турнир, во чест на мојот татко, ќе се одржува секоја наредна година. Екипата играше во Европа пред три години, клубот расте, имаме поддршка и од градоначалникот Кирил Пецаков и пресреќен сум, бидејќи љубителите на ракометот во Охрид ќе имаат можност да гледаат добар ракомет. Во Суперлигата сме во група со еден Вардар, Алкалоид, Струга, Бутел… Сите услови ни се овозможени и Охрид заслужува да гледа добар ракомет”, заврши Андоновски.

Освен домаќинот Охрид, учествуваа и екипата на Тиквеш, која го освои првото место, потоа Пролет и српскиот суперлигаш Партизан.

Екипата на Охрид со победата над Пролет од 27:23 го освои третото место. Охриѓани во првиот натпревар на турнирот беа поразени од Тиквеш со 22:24.