Алушовски: Презадоволен сум од одбраната, но нападот…

После првата победа на официјален натпревар во 2021 година, тренерот на Вардар, Стевче Алушовски објави дека е задоволен од направеното од неговите момци. Тие со 25:21 ја совладаа екипата на Војводина, а Алушовски ја пофали играта во одбраната.

„Ова е прв натпревар. Секако дека има елементи од играта, пред сè во играта во одбрана од кои сум презадоволен. Примивме само 21 гол, но повторно послаб дел од играта е нашиот напад. Можам да најдам оправдување во она што значи прв тренинг комплетен бидејќи ова ни е прв после 23 ноември“, изјави Алушовски.

На некој начин ова е подготовка за дуелите кои следуваат во следниот период кога ќе има средби и во СЕХА и во Лигата на шампионите.

„Сите играчи го дадоа максимумот кој се бараше од нив во моментов. Го испочитуваа договореното. Нормално дека имаше грешки, но сум задоволен. Ова е прва победа и тоа во првиот натпревар после пауза од два месеци така што сум задоволен и сега имаме три дена за подготовки за дуелот со Нексе и за Порто. Честитки за залагањето на момците за залагањето, за борбеноста и за добриот натпревар“.

Следната средба за Вардар е в понеделник од 20:15 часот против составот на Нексе исто така во Скопје.