Алушовски: Победивме, ама ќе си одиме дома малку разочарани

Вардар славеше со 27-26 над хрватскиот Нексе и ја забележа втората победа во регионалната СЕХА лига.

Стратегот Стевче Алушовски не е задоволен од изданието на неговите играчи и покрај победата над незгодниот ривал.

„Секој натпрвар со Нексе е приказна за себе и само поради нашите грешки тие успеваат да се вратат во игра. Имавме четири разлика, па потоа следуваше несфатлив пад во играта, особено во напад, правевме премногу технички грешки кои резултираат со брз гол на ривалот. Да бидам искрен, не сум задоволен од многу работи. Првпат кажувам дека сум разочаран после еден натпревар, за тоа како го испочитуваа играчите договореното пред натпревар. На минатиот дуел со Војводина, без задоволен од одбраната, но сега ако не беше Борко Ристовски и нивните промашени зицери, инаку натпреварот лесно можеше да биде во корист на Нексе. Немаме многу време за анализа, жал ми е што победивме, а ќе си одиме дома малку разочарани. Сепак на секоја победа треба да се гледа од позитивната страна и утре со ладни глави ќе аналзиираме што беше добро, а што лошо и подготвени ќе заминеме за Порто“, изјави Алушовски.

Следен предизвик за вардарци ќе биде гостувањето кај Порто во Лигата на шампионите на 4 февруари.