Алушовски: Иако не сме комплетни, Вардар е фаворит против Војводина

Тимот на Вардар го очекува првиот натпревар од регионалната СЕХА лига против Војводина во текот на утрешниот ден.

Тренерот Стевче Алушовски не смета на комплетниот тим, но и покрај тоа вели дека фаворитската улога е на страната на вардарци.

„И натаму остануваме некомплетни. Играчите со репрезентативни обврски се надвор од стројот. Правиме сè што можеме за да се подготвиме за нашиот дуел со Војводина. Се работи за квалитетна екипа составена од млади играчи, кои што многу трчаат. Можев да ги гледам на последниот дуел против Кикинда. Играат брз и модерен ракомет, со цврста одбрана и добра транзиција. Очекувам од наша страна да одиграме сериозно. Секогаш кога Вардар игра дома се труди да ја има фаворитската улога на своја страна. Така ќе биде и на овој натпревар, без разлика што сме некомплетни. Со еден комплетен тренинг ќе одиграме коректен натпревар кој ќе биде добра подготовка за она што следува во наредниот период“, изјави Алушовски.

Натпреварот меѓу Вардар и Војводина се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:45 часот.