Алушовски: Ако одговориме на нивната 7 на 6, шансите за втора радост се големи

Тренерот Алушовски пред неколку дена во интервју за 24 Ракомет потврди дека атмосферата во моментов е на одлично ниво и дека формата се подобрува со секој ден.

Победата над Флензбург му помогна многу на полето на мотивацијата, а и онака добрата атмосфера сега е уште на повисоко ниво и сега сите одново веруваат дека Вардар може одново до крај.

После Флензбург сосема нормално е да се очекува да се оди на нов триумф, но Порто може да биде незгоден тим бидејќи се работи за состав кој знае да одигра добро и на свој терен и на гости.

Со оглед на тоа што се игра пред празни трибини ова и нема да има голема улога така што останува да се види како ќе се одвиваат работите на теренот односно кој состав ќе има подобро подготвена тактика и ќе го исполни подобро она што тренерите го имаат замислено.

„После победата над Флензбург и пред натпреварот против Порто атмосферата е на високо ниво. Не дека не беше и претходно, но убаво е кога ќе се победи еден противник како што е Флензбург. Во минатите неколку денови работевме добро. Го анализиравме Порто. Тоа е екипа која нè смени многу од минатата година. Екипа која игра добар ракомет пред сè во играта 7 на 6. Се надевам ако успееме да бидеме на ниво и да одговориме на задачата на нивната игра 7 на 6 имаме големи шанси по вторпат да се радуваме во Скопје. Максимално сме внимателни без разлика што на претходниот натпревар дојдовме до победа, но секој натпревар е приказна за себе. Ние сме максимално внимателни, момците се фокусирани. Остануваат уште два дена да се договориме, да одработиме и в четврток да се потрудиме да оствариме втора победа во Лигата на шампионите. Нема да биде лесно, но во Лигата на шампионите секој натпревар е тежок“, вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

До дуелот со Порто има уште малку време за поправање на работите, но сосема извесно е дека ќе може навреме да се влезе во топ форма и да се одработи она што се планира. Вардар може до втора победа на свој терен.