Алмеида: Она што е фудбалот во Бразил, тоа е ракометот во Македонија

Актуелниот шампион Куманово за пролетниот дел од сезоната ја ангажираше бразилската интернационалка Андреза Алмеида. Таа веднаш се вклопи во системот на Александар Бојковски и веќе стана еден од лидерите на тимот што ја брани титулата во Женската лига.

Покрај тоа што е одличен асистент, Алмеида скоро на секој меч е меѓу најдобрите стрелци, а така беше и на дерби дуелот со Вардар, што Куманово во Скопје го доби со еден гол разлика, 25-26.

„Беше тежок натпревар, но ние трениравме многу, се подготвуваме многу за финишот на сезоната. Ние бевме подобри во клучните моменти од Вардар, тие промашија две добри шанси да се вратат во натпреварот на крајот, па мислам дека ние заслужено славиме и можеме да уживаме во триумфот. Но допрва ни следуваат уште тешки натпревари“, вели средниот бек.

Настапите во Македонија се прво интернационално искуство за средниот бек што има 23 години, откако досега беше дел од бразилскиот Каскавел.

„Ова е прв искуство надвор од Бразил за мене. Луѓето од управата на клубот, луѓето од градот уште од стартот ме прифатија одлично и беа отворени со мене. Девојките што играат со мене заедно исто така се одлични и немам никакви замерки. Ми се допаѓаат и Куманово и Македонија, иако немав премногу шанси да прошетам“, продолжи Алмеида.

Своевремено во Македонија играа сестрите Ана Каролина и Едуарда Аморим, а за Вардар настапуваше и Рожерио Мораес. Сите оставија одличен впечаток, а Алмеида се надева дека еден ден ќе има кариера како Едуарда, која стана и македонска снаа.

„Едуарда Аморим е мојот идол. Знам дека дел од кариерата таа мина во Македонија и би сакала еден да направам кариера како нејзината“, вели Алмеида.

Средниот бек ги следите дуелите од машката Лига на шампиони, некогаш на ТВ, некогаш и во живо.

„Сакам да го гледам Вардар, тука играше Мораес, често одам на натпреварите во Лигата на шампионите, а гледам и на ТВ. Во Бразил се игра добар ракомет, но овде е многу подобар. Тоа што е фудбалот во Бразил, феномен, религија, тоа е ракометот во Македонија“, заврши Алмеида.

Следниот викенд бразилската интернационалка ќе има шанса да освои прв трофеј во Македонија, бидејќи со Куманово ќе игра на завршниот турнир во Купот, а потоа ја чекаат уште два меча од Женската лига до одбрана на титулата.