Алборг покажа квалитет, со плус пет оди на реваншот кај Флензбург

Екипата на Алборг која за следната сезона се подготвува да состави дрим тим веќе покажува одлични резултати, а денеска дојде до победа од 26:21 и најави атак на Ф4 на реваншот во Германија кај Флензбург.

Тимовите од Данска и Германија одиграа интересен натпревар во кој домаќинот покажа повеќе и успеа да си создаде убава предност за реваншот. Убаво го отвори натпреварот со 3:0 и овие три гола постојано се чуваа во текот на првото полувреме.

Алборг успеа да има плус три гола и на одмор, кога резултатот беше 13:10. Сепак, овие три гола не беа така сигурно, па во првите десет минути од второто полувреме гостите стигнаа и до израмнување. Во 42. минута беше 15:15, па тука одново тргна доминацијата на ракометарите на Алборг.

Работите тргнаа во подобар правец и почна создавањето на разлика. Флензбург никако не можеше да одигра неколку добри напади во серија и тоа влијаеше на крајот резултатот да биде во корист на составот на Алборг.

Пред крајот беше постигната и најголемата предност од пет гола за конечни 26:21 и овие пет погодоци може да бидат големи на реваншот.

Денеска најефикасни во редовите на Алборг беа Феликс Клар и Лукас Сандел кои завршија со по осум гола, додека во тимот на Флензбург најефикасен беше Готфридсон со пет погодоци.