„Актуелниот систем не е добар, мора да имаме Суперлига со осум екипи“

Суперлигашкото друштво во Македонија од сезоната 2024/25 би требало да брои 8 екипи, или да бидат формирани две Суперлиги – А и Б.

Сепак овие промени допрва треба да бидат потврдени на претстојното Собрание на Ракометната федерација на Македонија.

На вчерашната прес-конференција на Вардар, Михајло Михајловски, одговори на новинарско прашање за системот на натпреварување во македонската елитна конкуренција и смета дека лига со осум екипи ќе донесе квалитет.

„Имав разговори со претставници на РФМ и им кажав дека актуелниот систем на натпреварување не е добар за ракометот во Македонија. Ова е чист популизам. Како човек кој долги години е во спортот, сметам дека ова не е добро. Имавме систем пред 15 години кога квалитетот беше во неколку екипи. Им предложив да играат најдобрите осум во Суперлигата, да играат четворокружно како што имавме во минатото. Освен Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид, тука е Тиквеш, Бутел е стабилизиран, потоа тука се Охрид и Пролет и подобро би било да играме против поквалитетни ривали. Квалитетот ќе дојде до израз на овие силни натпревари. Не навлегувам дали тоа ќе биде Суперлига А и Б, но како и да е, системот треба да се смени година ден однапред“, изјави Михајловски.

Претстојната сезона суперлигашкото друштво одново ќе го сочинуваат 16 екипи, поделени во две групи по осум, а потоа екипите ќе се поделат на плеј-оф и плеј-аут групи, односно во битки за титула и опстанок.

РФМ (ќе) има нов предлог: Од 2024 суперлигата да биде со 8 екипи!