„Ако не се промени нешто наскоро, клубот нема повеќе да постои“

Селекторот на Украина, еден од противниците на Македонија на Европското првенство во Австрија, Сергеј Бебешко, од лани е на клупата на романскиот тим Дунареа Калараши.

Дунареа има големи финансиски проблеми и ракометарите немаат земено плата од стартот на сезоната, а Бебешко не е оптимист во поглед на иднината на клубот.

„Ситуацијата е сложена. Претседателот на Дунареа кон крајот на август си замина од клубот од лични причини. Менаџерот на клубот ми стана помошник. Ситуацијата е сложена и на финансиски план – играчите четири месеци немаат земено плата, но нивна е заслугата што ние играме одлично од стартот на сезоната. Но ако наскоро не се промени нешто, мислам дека клубот ќе престане да постои“, изјави Бебешко за украинските медиуми.

За Дунареа во текот на летото потпиша и левиот бек Владислав Остроушко, но неговиот договор не го потврди романската федерација, па тој се врати во Еурофарм Работник.