Абутовиќ: Скокав од радост и навивав од срце кога Вардар ја освои титулата лани!

Еден од играчите што оставил силен траг во екипата на Вардар е српскиот интернационалец Илија Абутовиќ.

Македонскиот зет во Скопје мина седум сезони од 2011 до 2018 година и освои една шампионска титула.

Дефанзивецот сега е член на германскиот Рајн Некар Левен, но со задоволство се потсетува на моментите минати во македонската престолнина.

„Најубавите моменти во кариерата ги минав во Вардар, во тие седум години. За Скопје ме врзува силна емоција, за Вардар, за таа сала, за тие луѓе. Немам ниеден лош збор. Секогаш се радувам кога одам во Скопје. Седум години не е малку на едно исто место, тоа ми е како втор дом“, вели Абутовиќ за Balkan Handball.

Tој дојде во Вардар од словенечкиот Слован Превент и во првата година ја освои титулата во СЕХА, како и Купот на Македонија.

„Кога дојдов во Скопје не ни можев да помислам дека ќе ми се случат тие убави работи. Во Вардар беше едно ниво погоре од Слован и Партизан. Тогаш во 2011 година почна СЕХА лигата, не можевме да му парираме на Металург, но го освоивме Купот. Соработував со Веселин Вујовиќ и тоа беше големо искуство за мене. Но ниту тогаш не мислев дека по шест години ќе ја освојам Лигата на шампионите“, продолжува Абутовиќ.

Српскиот интернационалец се потсети и на завршниот турнир во Келн пред три години.

„Бевме полни со самодоверба во сезоната 2017 година, сите дишевме како еден, екипата имаше дух. Долго се подготвувавме за завршниуот турнир, имавме пет шест седмици. Игравме лошо во полуфиналето со Барса, но Циндриќ не извлече. Хансен и Карабатиќ се големи имиња, но ние на крајот славевме и во финалето.“, вели Абутовиќ.

Тој верува дека ситуацијата во Вардар наскоро ќе се среди.

„Следам се што се случува со Вардар, тешка ситуација и за играчите и за клубот. Да играш и да живееш кога немаш редовна плата, неколку месеци, тешко е да се функцонира. Јас посакувам се да заврши најдобро, Сергеј да го реши проблемот и да остане во клубот и понатаму. Ете и лани имаа проблеми, па ја освоија титулата. Јас тогаш бев многу емотивен. И полуфиналето и финалето ги гледав дома, навивав и скокав по дома, исто како да бев таму. Не можам да го заборавам пречекот во 2017 година, едноставно секој спортист сонува за такви моменти“, заврши Абутовиќ.