Екипата на Ѓорче Петров продолжува со засилувањата за новата сезона. Нова ракометарка во амбициозната екипа на Ѓорче Петров е Сања Цветковска од Вардар.
Цветковска мина една сезона во редовите на Вардар, а претходно го носеше дресот и на Металург. Младата ракометарка не добиваше голема минутажа во вардаровиот дрес, па поради тоа се одлучи да ја промени средината, односно да направи камбек во својот матичен клуб.
„Ѓорче Петров е клубот каде ги направив првите чекори, клуб поради кој го засакав ракометот. Во екипата на Вардар не добив добра минутажа и шанса да се покажам во индивидуален план, па поради тоа се одлучив да се вратам во Ѓорче Петров каде што мислам дека ќе имам повеќе шанса да напредувам. Во новата сезона очекувам повеќе успех во клубот и борба за добар пласман на табелата”, изјави Цветковска за 24 Ракомет.
Покрај новите засилувања, Ѓорче Петров го продолжи договорот со една од носителките на играта од изминатата сезона, Ангела Цветановска. Левото крило останува во составот на ѓорчепетровки и во новата сезона.
„Среќна сум што добив понуда повторно да бидам дел од тимот на Ѓорче Петров и со големо задоволство ја прифатив понудата. Во новата сезона нашиот тим влегува со значително поголеми амбиции и сериозни планови за во иднина. Верувам дека со новите играчи и стручниот тим на тренери кои ќе работат со нас, ќе прераснеме во сериозен тим кој ќе ги оствари клупските амбиции за што повисок пласман на табелата и излез на европска сцена”, изјави Цветановска за 24 Ракомет.
До овој момент, Ѓорче Петров ги ангажираше Симона Стојановска, Анастасија и Марија Николовска, Ана Марија Коларовска и Симона Василева. Предводник на екипата ќе биде искусниот тренер Оливер Димитриоски.