Чупиќ: Имам неколку сериозни понуди, но ќе му дадам предност на Вардар

Еден од ракометарите на кои им истекува договорот со Вардар на крајот на сезоната е десното крило Иван Чупиќ.

Повратникот во хрватската репрезентација, кој ќе игра на СП во Египет, веќе добил неколку сериозни понуди, но вели дека ќе му даде предност на македонскиот тим, со кој освои две европски титули.

„Имам договор со Вардар до крајот на сезоната. Вистина е дека имам неколку опции, неколку сериозни понуди, но ќе почекам уште малку. Сакам да бидам коректен и сериозен кога е Вардар во прашање и прво ќе му дадам шанса на Вардар пред да одлучам што и како ќе правам на крајот на сезоната“, изјави Чупиќ за 24Ракомет.

Чупиќ дојде во „црвено-црниот“ тим пред пет сезони од полскиот шампион Келце. Беше дел од трите настапи на завршниот турнир на Вардар, а освои две титули. Стана единствениот ракометар што ја одбранил европската титула. Во 2016 ја освои со Келце, а во 2017 со Вардар.

Покрај за Вардар и Келце, играше за Рајн Некар Левен, Горење Велење, Медвешчак, Октавио Пилотес Посада…