Танески со Струга до плеј-оф: Нè планираа за опстанок, ние ќе се бориме за излез во Европа

На домашен терен ќе можеме да се надигруваме со Пролет, Бутел, Охрид... но реално според ростер, финансии, буџет тие се посилни од нас. Она што нѝ беше зацртано од пред почетокот на сезоната го исполнивме и напролет ќе бидеме без притисок

Екипата на Струга успеа во две години да дојде до остварување на голем дел од своите планови кои беа поставени во сезоната кога успеа преку бараж од Првата лига да се пласира меѓу суперлигашите. Откако во минатиот шампионат стружани беа во долниот дел од табелата и се бореа за опстанок ретко кој очекуваше сезонава Струга да најде меѓу составите кои ќе играат во главната лига напролет.

По 12 одиграни натпревари во група А, Струга е на третото место и заедно со Охрид и Пролет ќе играат во разигрувањето за титулата. Таму ги чекаат Вардар и Еурофарм Пелистер, плус трите најдобри од Група Б од домашната Супер лига. Наместо за опстанок, Струга ќе се бори за излез на европска сцена, во Европскиот куп каде Македонија веројатно ќе има повторно три екипи.

Според прикажаното во досегашниот дел од сезоната сето ова е заслужено бидејќи Струга успеа освојува бодови и на домашен и на гостински терен, а имаше и сосема добро распоредување на силите и добро тактизирање и распоред на силите.

Стружани успеаја да ги средат комплетно своите редови, да донесат засилувања со кои можат да се борат за висок пласман, па тоа овозможи да се дојде и до место меѓу екипипте кои ќе се борат за титулата и позициите кои водат во европските купови следната сезона.

Тренерот на Струга, Наум Танески учествуваше во целиот процес на враќање на клубот на позициите кои ги имаше и во минатото во македонскиот ракомет, па може да биде задоволен од прикажаното.

„Имавме навистина густ распоред, но во исто време и краток ростер. Оние ракометари кои ни се важни и главно имаат поголема минутажа моравме да ги штедиме. Дел од нив имаа и ситни или поголеми повреди. Моравме да ротираме постојано и да ги одмораме главните играчи. Жртвувавме некои од натпреварите против посилните за да можеме да ги одмориме. Тактизиравме и во поглед на составот и против Струмица, против Радовиш дома каде што игравме без Славиша Димитриевски“, коментира за 24Ракомет тренерот на Струга, Наум Танески.

Главниот дуел за Струга беше двобојот во Скопје против составот на КЛ 7 каде што се бараа бодови за освојување на третата позиција. На таа средба Струга како гост дојде до победа од 28:23.

„Натпреварот против КЛ 7 во Скопје беше одлучувачки. Се имавме целосно фокусирано за тој натпревар и успеавме да го одработиме она што го планиравме. Во тој момент како засилување ни дојде и Вукашин Ракоција со кого добивме многу и успеавме да се најдеме во добра позиција. Тој дуел ни овозможи да обезбедиме опстанок, а не плеј-оф. Ние пред почетокот на сезоната бевме планирани за борба за опстанок во лигата, а со тој натпревар успеавме да го обезбедиме“.

Ваквиот став на Танески е сфатлив со оглед на тоа што пласманот во плеј-офот практично значи и опстанок, но и натпреварување против екипи кои се со поголем буџет и посилен ростер.

„Првата година кога влеговме во Супер лигата имавме во план да играме во плеј-оф. Влеговме со засилувања во тимот, но не успеавме. Финансиските проблеми придонесоа да падне и квалитетот и ростерот кој го имаме. Затоа одлучивме следната година да играме само со домашни играчи. Поради буџетот и проблемот со ваучерот моравме да се потпреме на домашни ракометари. До прекинот на минатата сезона бевме во трка со Металург 2, но се наоѓавме над Работнички. Сметам дека имавме опстанок, ако ништо друго сигурно ќе игравме бараж“.

Сепак, во оваа сезона Струга влезе далеку поорганизирано, но без најави за плеј-оф. Главната цел беше да се опстане во Супер лигата, а со текот на времето и играта која се прикажуваше тимот на Струга се промовираше и во кандидат за пласман во плеј-оф.

„Летово почнавме од нула. Играчите со кои се засиливме дојдоа пред почетокот на Струшкиот турнир. Повторно имаше проблем со ваучерот и финансиите, но полека работите се средија. Сега имаме финансиска стабилност, се е исплатено и како што треба. Мораме да продолжиме во овој стил и понатаму и да ја задржиме оваа финансиска стабилност. Така ќе можемеда направиме план во следните две до четири години, да видиме што и како би правеле. Тогаш ќе знаеме добро како да се натпреваруваме со тимовите од плеј-офот“.

Тренерот на Струга е свесен за квалитетот на својот тим и добро знае што ќе биде потребно да се направи за да се има цврст тим кој би требало да се задржи и за следната сезона.

„Останува да видиме кој тим ќе им се приклучи на Металург и Бутел од другата група во плеј-офот. Мислам дека во нашиот ранг се Еурофарм Пелистер 2 или Тиквеш. Против нив ќе можеме да се бориме за бодови и на гостински терен. На домашен терен мислам дека ќе можеме да се надигруваме со Пролет, Бутел, Охрид… но реално според ростер, финансии, буџет тие се посилни од нас. Сепак, она што нѝ беше зацртано од пред почетокот на сезоната го исполнивме и напролет ќе бидеме без притисок“.

И покрај тоа што веќе е јасно дека ги очекуваат тешки средби против екипи кои имаат поквалитетен ростер, но и поголем буџет, сепак, и стружани ќе се обидат со засилувања да дојдат до повисок квалитет и да дојдат до повеќе бодови во плеј-оф лигата.

„Имаме во план да се засилиме. Ќе имаме едно или две нови имиња за пролетниот дел од сезоната. Се работи за играчи кои се со потекло од Струга, кои играат за други екипи, а се незадоволни од минутажата која ја имаат. Се разговара со нив и доколку успееме да се договориме и да ги вратиме тогаш ќе успееме да направиме подобра конкуренција во екипата. Со странци веќе се имаме пополнето, а други играчи од домашното првенство тешко дека ќе можеме да ангажираме бидејќи има малку квалитетни кои се слободни за преговори. На нас во моментов ни треба поквалитетен играч, кој ќе може да направи разлика на теренот. Затоа сметам дека со играчите од Струга би успеале да го затвориме ростерот за плеј-оф и би можеле да бидеме конкурентни барем на домашен терен“, коментираше тренерот Наум Танески за 24 Ракомет.

Струга финишираше на 3. место во Групата А од Супер машката лига. Тоа беше доволно да се обезбеди пласман во плеј-офот, а ракометарите на овој тим нема да имаат многу време за одморање. Планот е од средина на јануари да се почне со подготовки за пролетната полусезона.

СУПЕР МАШКА ЛИГА – ГРУПА А

ТАБЕЛА

ПозЕкипаНПРЛБ
1АЛКАЛОИД16150145
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР16140242
3ВАРДАР 196116140242
4ОХРИД16121337
5БУТЕЛ1680824
6ТИКВЕШ 20141672723
7ПРИЛЕП1662820