Поранешна вардарка во ТОП 3 на вечната листа стрелци во Лигата на шампионите

Ракометарките на Букурешт со победата над Ференцварош во осмото коло од Лигата на шампионите обезбедија пласман во четвртфиналето. За одбележување е постигнувањето кое го оствари поранешната вардарка и репрезентативка на Србија, Андреа Лекиќ.

Лекиќ на натпреварот постигна вкупно четири гола, но нејзиниот трет погодок ја запиша ракометарката на вечната листа со најдобри стрелци во Лигата на шампионите. Србинката го постигна својот 801 гол и со тоа стана само третата ракометарка која постигнала над 800 голови во најдобрто екипно натпреварување.

На првото место со постигнати 990 голови е Анита Гербиц, Унгарката ова го постигна во 17 сезони играње во Лигата на шампионите. На второ место е Катарина Булатовиќ со 832 гола од 16 сезони. На четвртата позиција се наоѓа уште една поранешна ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ која до сега има постигнато 784 гола и само е прашање на време кога и таа ќе го надмине бројот 800.

Андреа Лекиќ кариерата ја започна во ОРК Београд, а потоа настапуваше за Раднички и Књаз Милош. Таа за првпат заигра во Лигата на шампионите во 2007 година со Крим. Од Крим премина во Ѓер, екипа со која стигна до титулата европски шампион, а во 2013 година беше прогласена за најдобар среден бек во Европа. Во Вардар помина пет години и два пати играше во финалето од Лигата на шампионите, но не успеа да стигне до уште еден триумф.