Познати сите патници на ЕП 2022 – Хрватска и Романија последни обезбедија пласман

Со денешните одиграни квалификациски натпревари, познати се сите патници на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора, во периодот од 4 до 20 ноември. Освоен актуелниот европски шампион, Норвешка, како и трите домаќини, учество обезбедија и репрезентациите на Полска, Швајцарија, Данска, Романија, Холандија, Германија, Франција, Хрватска, Унгарија, Шпанија, Србија и Шведска.

Хрватска во квалификациската група 4 дојде до победа против Чешка, 33:30, но сосема беше очекувано победникот да се одлучува во финишот на натпреварот бидејќи Чешка речиси во сите 60 минути беше рамноправен противник, на моменти имаше и резултатска предност. На голот кај Хрватска одлична беше Ивана Капитановиќ со вкупно 20 интервенции. Голманката на Чешка, Петра Кудлацкова, исто така имаше одличен учинок меѓу стативите, натпреварот го заврши со 15 интервенции.

Во првата група, Полска и Швајцарија одиграа натпревар без резултатско значење бидејќи и двете репрезентации пред извесен период обезбедија учество на Европското првенство. Во овој натпревар победа оствари Полска со пет гола разлика, 31:26, со што го потврди првото место во својата група. Двете репрезентации имаа лесна задача бидејќи Русија беше дисквалификувана, па така само Литванија беше единствен конкурент.

Репрезентацијата на Романија на свој терен во Валчеа беше убедлива против Австрија, со резултат 38:29. Победата од девет гола разлика беше сосема доволна за второто место во втората квалификациска група. Од оваа група, Австрија и Фарски острови останаа без место на континенталниот собир, додека Романија и првопласираната репрезентација, Шведска, ќе бидат дел од најдобрите европски селекции.

Поранешниот светски шампион, Холандија, ја декласираше Грција со 40:11 во последното коло од групата 3. Освен Холандија, пласман на Европското првенство обезбеди и репрезентацијата на Германија. За потсетување, во истата група се натпреваруваше и Белорусија, која не ги доигра квалификациските натпревари поради санкциите од ИХФ и ЕХФ. Шпанија во неважен натпревар ја совлада Португалија со 31-21.

Во рамки од последното коло од ЕХФ Евро Купот, Црна Гора ја совлада Словенија во Подгорица со 34:30. Најдобри стрелци во црногорската репрезентација беа двете поранешни ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ со 11 и Итана Грбиќ со шест гола.

Србија не дозволи изненадување – го совлада Исланд и обезбеди пласман на ЕП!