Изминатиот викенд беше резервиран за голем дел ракометни натпревари низ Европа, а највозбудливи беа натпреварите од Купот во повеќе земји, меѓу кои беше и Купот во Македонија. Екипата на Вардар во спортската сала ,,Јасмин” во Кавадарци ја одбрани титулата во Купот совладувајќи го составот на Еурофарм Пелистер со 23:22.
На „црвено-црните“ му се приклучија и Загреб, Горење, Динамо Букурешт, Елверум, Беса…. Сите споменати екипи го освоија Купот во своите земји, во неизвесни финални средби, кои беа проследени со многу возбудувања.
Ракометарите на Загреб, кои беа еден од противниците на Вардар во групната фаза во Лигата на шампионите, го освоија Купот на Хрватска откако во големото финале, кое беше одиграно во Пореч, го совладаа Нексе, со три гола разлика, 30:27 (16:16). За Загреб освоениот Куп трофеј беше 19 во низа, односно 28 во својата клупска историја.
Еден од клубовите кои покажаа солидни резултати во годинешниот настап во Лига на Европа, Горење, во финалето од Купот на Словенија триумфираше против Урбан Лока, со 34:31 (14:12).
Динамо Букурешт е старо-нов освојувач во Купот на Романија. Избраниците на Чави Пасквал со пресврт во последните десет минути успеаја да го совладаат градскиот ривал, Стеуа Букурешт, 24:23 (13:16), со што го одбранија Куп трофејот од минатата сезона.
Амбициозниот тим на Елверум, кој исто така беше противник на Вардар во првата фаза од Лигата на шампионите, потешко од очекуваното го освои Купот на Норвешка откако го доби финалниот дуел против Арендал со 32:35 (19:19).
Македонскиот тренер, Аце Станковски, со екипата на Кастриоти го освоија сребрениот медал на Ф4 турнирот од Купот на Косово. Кастриоти во финалето беше поразен од Беса со шест гола разлика, 24:30.