Младинската репрезентација на Македонија во женска конкуренција го одработува последниот ден од подготовките за ЕХФ шампионатот со оглед на тоа што утревечер од 20:30 часот го има првиот натпревар против селекцијата на БиХ. Ракометарките се во добар ритам и се подготвени за она што претстои, а утревечер ќе има што да се види на теренот бидејќи тоа е средбата на која треба да се покаже колку оваа генерација може.
Левото крило на репрезентацијата, Сара Миновска е оптимист и смета дека иако немале многу време за тренирање и подготовки, сепак, успеале да извлечат максимум.
„Имавме можеби малку време за подготовки, но тренерите работат деноноќно и многу вложуваат и премногу веруваат во нас, а исто така и ние во нив. Се подготвивме за овој ЕХФ шампионат и се надевам дека ќе покажеме добри резултати на средбите кои ни претстојат“, вели Миновска за 24 Ракомет.
Со каква игра ќе се претстават и што ќе може да се очекува од девојките ќе се види веќе од утре. Пандемијата со коронавирусот го стори своето и немаше можност за договарање на контролни средби во овој период.
„Можеби е малку лoшо бидејќи сме без контролни натпревари пред овој ЕХФ шампионат и немаме видеа од противниците. Сепак, позитива е тоа дека и нашите ривали немаат видеа од нас и не знаат како играме ние. Меѓутоа, ние сме подготвени за секој тип на противник и очекувам да го покажеме најдоброто“, изјави Миновска.
Првата средба за Македонија на ЕХФ шампионатот е утревечер. Со почеток во 20:30 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“ ракометарките се соочуваат со составот на БиХ.