Репрезентативецот на Данска кој настапува во Бундес лигата во екипата на Фленсбург, Мадс Менса Ларсен одлучи да го продолжи договорот со актуелниот клуб за уште две години, односно до летото во 2024 година.
Во летото 2020 година Ларсен пристигна во Фленсбург од конкурентот Рајн Некар каде што играше шест години. 30-годишниот ракометар има одличнa кариера со освоени титули на Олимписки игри, Светско првенство и во првенството на Германија.
Од продолжувањето на соработката се задоволни двете страни. Ларсен истакна дека има уште многу да постигне со сегашниот клуб.
„Многу сум среќен што ја продолжувам успешната приказна со Фленсбург. Имаме добра соработка и е многу бликсу до мојата Данска, па затоа одлуката беше многу лесна за мене. Јас и семејството се чувствуваме комфорно тука, се прилагодивме брзо. Со овој одличен тим кој е „гладен“ за успех имаме уште многу работи да направиме заедно во годините кои ни претстојат“, изјави Ларсен.