Марко Вујин има нов клуб – до крајот на сезоната во ПИК Сегед!

Српскиот интернационалец Марко Вујин по заминувањето од Вардар не чекаше долго време да најде нов клуб. Десниот бек договори соработка со унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед, а таму ќе настапува најмалку до крајот на сезоната.

Поради тоа што е пробиен преодниот рок во Унгарија, тој нема да може да игра во унгарскиот шампионат и во Купот, па ќе биде корисен за ПИК Сегед само за дуелите од Лигата на шампоните против Кил.

Иако играше за „црвено-црните“ во ЛШ, но сепак ЕХФ дозволува да се регистрира по еден играч во текот на сезоната што имал настапи за друга екипа во елитното натпреварување.

ПИК Сегед има проблем на десната бековска позиција со оглед дека Лука Степанчиќ е надвор од стројот веројатно до крајот на сезоната, па тренерот Хуан Карлос Пастор го има само Станислав Кашпарек.

Ова за Вујин ќе биде враќање во Унгарија, каде своевремено ги носеше дресовите на Дунафер и Веспрем. Србинот во Вардар мина само една полусезона, не остави впечаток дека може да ја достигне старата препознатлива форма и имаше само повремени блесоци.