Македонија немоќна против брзата Данска

Женската младинска репрезентација на Македонија беше убедливо поразена од Данска со 39:27 во рамки од второто коло на Европското првенство во Романија.

За нашата репрезентација ова е втор пораз, откако во првото коло загуби од црногорската репрезентација.

Ракометарките на Јулијана Дамчевска беа рамноправни против светскиот вицепрвак во првите десет минути. Македонија со голот на Нестороска поведе со 1:0 и тоа беше првото и единствено водство на нашата репрезентација. До 10-та минута се играше гол за гол, односно имаше голема борба на теренот до 5:5, по што скандинавската селекција со одлична серија од 4:0 поведе со 9:5 и до крјаот на натпреварот лесно стигнуваше до погодоци.

Македонија немаше многу опции во нападот, левот бек Стефановска и десниот нек Младеновска се обидуваа да направат нешто, но двете ракометарки беа немоќни против еден од фаворитите за освојување на златото. Данска умешно ги користеше грешките на „црвено-жолтите“, дојде до поубедлива предност и на пауза замина со плус пет, 18:13.

На почетокот на второто полувреме Македонија се разбуди и успеа да намали на 20:17. При секое приближување на Македонија на три гола негатива, данската репрезентација секогаш наоѓаше начин да зголеми на повисока разлика.

Во 45-та минута резултатот беше 26:21 за ракометарките на Каспер Јенсен. Последните петнаесетина минути минаа во доминација на Данска, особено периодот кога од 28:24 зголеми на 33:25. Младинките на Македонија на моменти се носеа и парираа прортив големата Данска, но сето тоа неше недоволно за позитивен исход.

Најефикасни во составот на Македонија беа Ива Младеновска со седум и Сара Стефаноска со шест погодоци. Кај Данска прво име беше Јулија Скалионе со дури 11 реализации.

Чешка е последниот ривал на Македонија во рамки од последното коло од групната фаза. Овој дуел е закажан за 9 јули.