Лазаров: Им кажав на момците – победа нема да ми значи многу, ќе ми значи играта

Репрезентативците кои се најдоа во тимот на Македонија за оваа ЕХФ недела веќе се во главниот град на Египет, Каиро, каде што денеска и утре ќе бидат одиграни две средби.

Лазаров на овој собир е во улога само на селектор, а на располагање имаше 23 ракометари, од кои 19 заминаа во египетската престолнина. На помладите ракометари ваквите собири ќе им бидат од големо значење.

„Намерно повикав поголем број на играчи. За младите е добро да има повеќе собири, да се подготвуваат, да играат против своите идоли. Свесен сум дека во прво време не може да се очекува многу од нив. Добро е да присуствуваат на тренинзите и видео сеансите, да го градиме системот и кога ќе дојде време само да се вклопат и да работиме нови работи“, коментира Лазаров.

Веќе се размислува за Европското првенство во јануари и дефинитивно целта е да се одработи најдобро што може уште сега за во јануари да биде кулминацијата.

„Ни претстои тежок и огромен предизвик. Европското првенство е поквалитетно од Светското. Меѓутоа имаме идеја, наши цели. Се надевам дека со квалитетна игра ќе ја заслужиме и среќата која е неопходна на големите натпреварувања, а ќе треба да ја заслужиме со посветеност и работа не само во овие седум дена туку низ целата година и верувам дека ќе одиграме квалитетно“.

Противникот за оваа ЕХФ недела е од Топ селекциите во светот и дефинитивно репрезентација со голем рејтинг и реноме. Составот на Египет е доста силен така што ќе треба да се одработи најдобро што може за да се види до каде е отидена формата кај момците.

„Египет е една од репрезентациите кои најмногу напредуваа во последните 3-4 години. На самите видео анализи го гледаме тоа. Од нив учиме како треба да се поставуваме како индивидуално така и колективно. Ги води одличен стратег каков што е Парондо, кој многупати покажа дека е одличен во тоа. Сега е тренер и во Германија во една амбициозна екипа како Мелзунген. Чест и задоволство ми е што ќе играме две квалитетни средби против нив за да видиме до каде сме“.

Селекторот потврдува дека играњето со вака силен ривал е со намера и дека целта е да се извлече најдоброто од овој двобој за да се успее во намерата да се види што и како ќе треба да се поправа, а што ќе може само да се надогради во следниот период.

„Намерно одбрав квалитетен противник. На момците им кажав дека победа против Египет не би ми значела многу. Истото е и со поразот. Најважно е да го видиме она што го сработивме колку ќе можат да го покажат на натпреварите и потоа со чиста глава да можеме да тргнеме во подготовките за Европското првенство. Сакам она што го работиме и да биде спроведено на терен. Треба да се одбере ростер кој не само физички туку и ментално да го покаже и да го издржи на терен“, вели селекторот Лазаров.

Двете средби, денеска и утре, започнуваат од 18:00 часот.