Кушан прими инјекција во грбот, деновиве заминува на дополнителни испитувања

Еурофарм Пелистер два пати ја победи унгарската Татабања во Лигата на Европа, но може да плати скапа сметка поради повредата на хрватскиот пикер Томислав Кушан.

Првата информација од Битола е се дека се работи за повреда на нерв до кичмата. Кушан веднаш по натпреварот прими инјекција во грбот поради огромни болки и ќе мора да мирува, а утре заминува на дополнителни испитувања.

Тој во 9. минута од мечот при еден напад не погоди и тргна да се враќа назад, но наеднаш падна на теренот. Со болна гримаса на лицето, се држеше за грбот и остана да лежи на теренот подолго време додека да бидат создадени услови да биде изнесен од теренот.

Од претходно имаше повреда на коленото, но на вчерашниот дуел беше најдобар стрелец и покрај тоа. Стратегот Жељко Бабиќ на пикерската позиција ги има Никола Маркоски и Елмир Граџан.