Тимот на Куманово оваа сезона имаше одлична прилика да ја освои шампионската титула во Женската лига, но коронавирусот го прекина натпреварувањето, а РФМ реши да не прогласи шампион.
Тренерот Ненад Краљевски и во новата сезона ќе го предводи тимот, а амбициите се големи и на домашна и на меѓународна сцена во ЕХФ Купот.
„Во претходното првенство кое не заврши поради коронавирусот, Куманово беше доминантна екипа. Се надевам дека и во сезоната која доаѓа ќе ги постигнеме посакуваните резултати. Нашиот состав ќе претрпи измени со цел да се подигне екипата затоа што имаме борба на три фронта. Подготовките ќе ги одработиме во Крушево, ќе одиграме и пријателски мечеви ако ни дозволат условите, со цел подобро да го дочекаме стартот на првенството“, изјави Краљевски за „Рукометни тренер“.
Куманово ќе го дознае ривалот во третото коло од ЕХФ Купот на 1 септември, а новата сезона во Женската лига би требало да ја започне на 19/20 септември.