Од денеска екипата на Еурофарм Пелистер 2 стартуваше со подготовките за новата сезона, а тренерот Александар Јовиќ има изменет состав во однос на минатата година.
Со пет нови ракометари, но и четворица кои го напуштија клубот горе-доле силите се израмнети, а во оваа сезона ќе биде навистина интересно, но и многу потешко бидејќи лигата ќе биде уште посилна од лани.
„Еурофарм Пелистер 2 направи добар концепт на млади и искусни играчи. Со добра и посветена работа од страна на сите нас може да имаме успешна сезона. Со враќањето на Вардар и Еурофарм Пелистер во Супер лигата ќе имаме доста квалитетна лига. има многу екипи кои ќе атакуваат на првите шест места кои водат кон плеј-оф и неблагодарно е да прогнозираме што ќе се случува сезонава“, вели тренерот Јовиќ.
Капитенот на тимот, Васко Димитровски откако прифати да продолжи со настапите за екипата и во новата сезона ќе има задача да предводи на теренот ракометари кои се желни за докажување, но и играчи кои веќе поседуваат солидно искуство.
„Како и минатата сезона и годинава одиме со помлади играчи надополнети со неколку искусни. Очекувам добро да се подготвиме и да се надигруваме со секого за да пробаме да го повториме минатогодишниот успех односно да влеземе во плеј-офот“, изјави Димитровски.
Подготовките почнаа во Битола, а таму ќе се работи до 31 јули кога ракометарите заминуваат за Маврово.