Европската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката за второто коло од Европскиот куп за жени, која ќе се одржи утре во седиштето на ЕХФ во Виена. Во конкуренција се 44 екипи, меѓу кои е и македонскиот претставник Вардар.
За првпат во историјата на ова натпреварување е воведено правило за заштита на клубовите од иста федерација, што значи дека во второто коло нема да може да се сретнат екипи од иста држава.
За да се избегнат национални двобои, ЕХФ ги подели клубовите во две групи, а Вардар се најде во Б групата, како носител и ќе биде во првиот шешир. Идеална ждрепка за вардарки ќе биде некој од тимовите од Косово, Луксембург или Србија.
Победниците од 22 двомечи ќе се пласираат во третото коло, каде ќе им се приклучат уште десет екипи кои се слободни во оваа рунда и директно ќе ја започнат својата европска сезона во ноември, а меѓу нив и Чаир.
Вардар ќе се обиде да обезбеди успешен старт на европската сцена и да направи чекор кон подолг настап во Европскиот куп, натпреварување во кое сезонава ќе учествуваат вкупно 54 клуба од целиот континент.
Првите натпревари од второто коло ќе се одиграат на 3/4 октомври, додека реваншите се закажани за 10/11 октомври.
Можни ривали на Вардар:
Бриксен (Италија)
Феризај (Косово)
Истогу (Косово)
Шќипоња (Косово)
Егле Вилнус (Литванија)
Жалгирис Каунас (Литванија)
Ред Бојс Диферданж (Луксембург)
Квинтус (Холандија)
Јуро Унирек (Холандија)
Алмеида Гарет (Португалија)
Рума (Србија)
























