Веспрем со лекција за најголемиот конкурент ПИК Сегед на негов терен

Ракометарите на Веспрем одиграа фантастичен натпревар во дерби дуелот од првенството на Унгарија против ПИК Сегед и остварија многу убедлива победа со 36:24.

Избраниците на Давид Дејвис имаа одличен натпревар и покажаа кој е главен во домашното првенство. Почетокот беше израмнет, а ПИК Сегед прв имаше водство од 7:5 во 14. минута. Веќе по 20 минути игра Веспрем го презеде водството.

Нилсон погоди за 10:9, а веднаш потоа и Штрлек за два гола позитива за гостинскиот тим. До крајот на првиот дел се задржа ваквата предност на гостите и на полувреме беше 14:16.

Во продолжението сликата на теренот беше сосема различна, доминираше една екипа а тоа беше Веспрем. Владимир Цупара беше еден од најзаслужните за високиот триумф на својот тим со неверојатни одбрани. После десет минути игра во вториот дел Веспрем веќе имаше шест предност 17:23.

Контролата на резултатот и натпреварот на Веспрем продолжи до крајот на дуелот, разликата постојано растеше, а составот на Хуан Карлос Пастор беше немоќен да стори нешто против расположениот противник. На крај гостите заслужено славеа победа со 12 гола разлика.

Петар Ненадиќ го водеше својот тим со осум гола, а втор стрелец беше Андреас Нилсон со седум. Цупара имаше 12 одлични одбрани и добар придонес за својот тим. Во составот на ПИК Сегед, Борут Мачковшек и Богдан Радивојевиќ беа најефикасни со по пет гола, додека Бодо и Банхиди погодија по четирипати.